Јавното претпријатие „Исар“ од Штип работи на последната етапа од проектот за уредување на коритото на реката Отиња. Станува збор за градежни работи што се одвиваат на потегот од мостот кај црквата „Св. Никола“ до бензинската станица кај Ново Село. Оформувањето на минор коритото треба да се заврши најдоцна за 25 дена, по што ќе следува партерно и хортикултурно уредување на целокупниот простор. Севкупните активности за реализација на овој проект треба да завршат во текот на претстојната есен.
Проектот за уредување на речното корито на Отиња во Штип се изведува веќе неколку години наназад. Со зафатот се уреди кејот на оваа река што минува низ градот, чија должина изнесува 1,7 километри. Во соработка со приватниот сектор, Општина Штип во центарот на градот успеа да изгради и две паркинг платформи за решавање на проблемот со паркирање во централното градско подрачје.