Претходна статија
Железницата руши неславни статистички рекорди
Следна статија
Промовирана книга за нискоенергетски и пасивни згради

Енергетска ефикасност е и рециклирање на градежниот отпад

Објавено на 05.03.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Во Македонија сè уште не се размислува за рециклирање на градежниот отпад во функција на негово ползување при имплементацијата на енергетската ефикасност. Освен што завршуваат на депонија или ја загадуваат животната средина, остатоците од разрушените градби може да се искористат за натамошно фабричко производство на иновативни градежни материјали. Во рамки на овогодинешниот Саем за градежништво, професорот Бојан Миловановиќ од Градежниот факултет во Загреб денеска го презентираше проектот ECO-SANDWICH, кој претставува претходно подготвен ѕиден панел од рециклирани материјали.

 

Во рамки на својата презентација, професорот Миловановиќ се задржа на предностите на нивниот производ во делот на енергетската ефикасност, звучната и противпожарната изолација. Тој напомена дека ECO-SANDWICH е фабрички подготвен систем што се монтира на градилиште, со што се намалува времетраењето на изградба на одреден објект. Со научно истражување е создадена иновација, која претставува комбинација на мерките за енергетска ефикасност со рециклирањето на градежниот отпад. Имено, внатрешниот слој на бетонот е изработен од рециклиран бетон, додека системот е надополнет и со минералната волна ECOSE на Knauf Insulation, која се произведува со користење на рециклиран материјал.

 

Миловановиќ нагласи дека спроведувањето на проектот е овозможено со финансиски средства од Европската унија, додека финалниот продукт ECO-SANDWICH е носител на европскиот знак Eco Innovation. Проектот е вброен меѓу десетте најдобри иновации на меѓународниот саем BAU Messe 2015 во Минхен, додека на меѓународниот саем на иновации INNOVA 2014 во Брисел се стекна и со златен медал. Покрај финансиските средства обезбедени од Европската унија, ECO-SANDWICH ги следи актуелните барања за спојување на знаењата на универзитетскиот кадар и на компаниите, па така во проектот учествуваа Градежниот факултет и Архитектонскиот факултет во Загреб, но и неколку приватни компании.

 

Покрај инспиративниот говор на гостинот од Загреб, на Саемот за градежништво денеска се одржа и презентацијата на Горан Пролиќ од Knauf Insulation Srbija. Тој говореше за примената на ETICS фасадните системи и изборот на термоизолациони материјали во однос на степенот на заштита од пожар. Пред македонската стручна јавност беа претставени разликите кај градежните материјали што се употребуваат за изработка на термички фасади во однос на нивната заштита од пожар. Особено внимание беше посветено и на мерките што е неопходно да се преземат за одржување и санација на фасадните системи, и тоа откако објектот ќе се пушти во употреба.

 

И двете денешни случувања на Саемот за градежништво 2015 ги организираше Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Македонија.

 

 

Бојан Блажевски