Помала побарувачка на електрична енергија е забележана кај македонските фирми и граѓани во текот на 2016 година, но истовремено опаднало и вкупното производство на енергија од домашните капацитети. Државниот завод за статистика денеска излезе со збирен пресек на податоците за енергетскиот сектор од изминативе 12 месеци. Неопходната електрична енергија за подмирување на потребите на индустриските капацитети и на домаќинствата лани се намалила за 19,2% во споредба со 2015 година. Наспроти ова, бруто-производството на електрична енергија во периодот јануари-декември 2016 година опаднало за 0,3%.
Најголемо намалување во производството на електрична енергија од 12,8% е регистрирано кај термоцентралите. Од друга страна, огромен раст е забележан во работењето на комбинираните централи и индустриските енергани, каде зголемувањето на производството на струја е заокружено на 209,8%. Вкупното бруто-производство на електрична енергија од домашните капацитети изнесувало 5.627.652 мегават-часови. Увозот на електрична енергија од странските пазари е намален за 17,5% во однос на 2015 година, но затоа пак извозот на македонска струја пораснал за 11,9% на 159.853 MWh.
Паралелно со ваквиот биланс кај електричната енергија, статистичките податоци за 2016 година покажуваат силен раст на користењето природен гас. Во претходните 12 месеци биле увезени 214.149 милиони nm3 природен гас, што е за 56,5% повеќе во споредба со 2015 година. Финалната потрошувачка на гасот се зголемила за 19,9%, но сепак, најголем раст од 71,4% е констатиран во делот на неговото искористување од јавните котлари и комбинираните електрани за натамошно производство на енергија.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk