Претходна статија
Започна реконструкцијата на булеварот Партизански одреди
Следна статија
Хотелот во Лагадин продолжува да се гради, општина Охрид се правда

ЕЛЕМ со тендер за топлификација на Битола, владата укажува на непослушност

Објавено на 19.06.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) денеска го објави меѓународниот тендер за изградба на новиот систем за централно греење во Битола, Новаци, Могила и Логоварди. Повикот до компаниите е публикуван на веб-страницата на Германската агенција за економски развој и во македонските весници. Новата македонска влада веќе неколку пати реагираше на започнатата тендерска постапка. Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев побара од управниот одбор на државната компанија да донесе одлука за мораториум на проектите, барајќи време за нивно усогласување со владината програма.

 

 

„Раководството на ЕЛЕМ имаше 11 години да ги реализира овие проекти, а особено проектот за топлификација на Битола, кој им е ветуван на граѓаните пред секој изборен циклус, но за жал не покажа интерес и желба тоа да се случи. Чинот на објавување на овие јавни повици и покрај повикот од Владата до управата на АД ЕЛЕМ да бидат стопирани, го оценувам како крајно непрофесионален“ истакнува вицепремиерот Кочо Анѓушев. Договорите за кредитирање на топлификациониот систем во Битола беа потпишани уште во декември 2015 година. Германската КфВ банка му даде заем на ЕЛЕМ во висина од 39 милиони евра, додека државната компанија за проектот треба да одвои дополнителни 7,5 милиони евра.

 

Проектот е предвидено да се реализира во две фази. Во првата етапа се планира изградба на магистрален цевковод од РЕК „Битола“ до самиот град во должина од 12,5 километри, подстаница и дистрибутивна мрежа во Битола, како и приклучоци до дистрибутивните мрежи во Новаци, Могила и Логоварди. Во втората фаза од изведбата на системот за централно греење ќе се гради дистрибутивната мрежа во населените места.