Проектот „Луково поле“ на чекор пред распишување меѓународен тендер за избор на најповолен понудувач за негова изградба и отпочнување на обемните градежни активности. Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) денеска соопшти дека потпишала договор со консултантската куќа „Ациона Инхенериа“ (ACCIONA Ingeniería) од Шпанија во конзорциум со „АБЦ Консалтинг“ од Македонија за проектирање – фаза А во вредност од 774.400 евра и надзор – фаза Б во вредност од 1.120.875 евра. Намерата на ЕЛЕМ е да се ажурираат изведбените проекти за идната камено – насипна брана [»мапа] во согласност со најновите технологии за изградба. Финансиските средства се обезбедени од кредитот за подготвителни работи – ППА и истите произлегуваат од минатогодишниот договор, парафиран помеѓу ЕЛЕМ и Светската банка.
„По успешно завршување на фазата на ажурирање на проектите и подготовка на соодветна техничка документација за меѓународен тендер за градежни работи за изградба на проектот „Луково поле“, која трае една година, односно до септември 2012, предвидено е да отпочнат главните градежни работи и изградбата, која треба да заврши до крајот на 2016 година“, се наведува во соопштението на државната компанија. Инвестицијата во браната е проценета на околу 62 милиони евра, од кои близу 52 милиони евра ќе се обезбедат преку кредит од Светска банка. Дел од меѓународните еколошки организации во изминатиов период предупредуваа дека проектот „Луково поле“ би можел да ја уништи недопрената природна средина во Националниот парк Маврово. Според досегашните информации, браната е зацртано да биде висока 71 метри, со должина на круната од 321 метри и ќе има можност да акумулира 39 милиони метри кубни вода.