Наместо да се бара приватен концесионер на меѓународен тендер, државната компанија Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) самата ќе треба да инвестира во изградбата на хидроелектраните „Чебрен“ и „Галиште“. Според информациите на телевизија „Алсат М“, ваквата одлука е донесена на Економскиот совет, по што премиерот Зоран Заев лично ги информирал министрите за неа. Целокупната инвестиција што ќе треба да ја оствари ЕЛЕМ за двата енергетски проекта е во вредност од околу 220 милиони евра.
Најновата одлука на македонската влада може да ја помрдне од мртва точка изградбата на хидроелектраните „Чебрен“ и „Галиште“, коишто како проекти се најавуваат уште од 60-тите години на минатиот век. Изборот во проектот да инвестира државното претпријатие доаѓа по 13 неуспешни тендери за избор на приватна компанија што би вложила во издигнувањето на двете хидроелектрани. Иако 30 компании пројавиле интерес и биле доставени 14 технички решенија за искористување на хидро потенцијалот на реката Црна, сепак пропадна и минатогодишниот тендер за избор на концесионер.