АД „Електрани на Македонија“ ја затвори финансиската конструкција за најавената ревитализација и модернизација на РЕК Битола. Денеска беше ставен потпис на договорот со Стопанска Банка за задолжување во вредност од 30 милиони евра, а ЕЛЕМ во проектот ќе учествува со 25,9 милиони евра сопствени средства. Со овие вложувања ќе се обезбеди продолжување на експлоативниот век на блоковите за најмалку уште 120 милиони работни часови, зголемување на довербата во работата на термоелектраните, како и намалување на оперативните трошоци. Исто така инсталираната моќност на секој агрегат треба да се зголеми за дополнителни 8,32 MW, односно вкупно 25 MW за трите блока. Сегашната вкупна инсталирана моќност на РЕК Битола изнесува 675 MW. Ќе порасне и годишното производство на електрична енергија за 160-200 GWh. Ова зголемување треба да се реализира преку подобрување на степенот на корисно дејство на агрегатите и без зголемување на специфичната потрошувачка на јаглен. Проектот стартува во јули и ќе трае три години. Кредитот е со рок на отплата од 14 години, со тригодишен грејс период. Каматната стапка е утврдена на месечен Euro LIBOR плус 4,75 процентни поени, што во моментов изнесува 5,16 отсто.