Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) со втор по ред тендер се обидува да пронајде изведувач што ќе ја доврши изградбата на класицистичката палата спроти хотелот „Бристол“ во Скопје. Градежните и градежно занатските работи се поделени во три пакети: довршување на изградбата, валидација на сигнали и испитување електрична инсталација. Државната компанија е проценето дека ќе издвои над 6,3 милиони денари за нивното завршување, по што конечно би можела да се пресели во новата административна зграда.
Од ЕЛЕМ очекуваат дека ќе изберат најповолен понудувач, по поништувањето на првичниот тендер во текот на изминатава пролет. Овој објект од „Скопје 2014“ би се завршил во рок од 2 месеци, по што администрацијата би можела да се пресели во новото здание со површина од 9.130 метри квадратни. Заинтересираните компании треба да ги достават своите понуди за учество во тендерската постапка до 24 јули, по што ќе се избере изведувач за довршување на класицистичката палата.
И покрај тоа што остана недовршен од претходната владејачка гарнитура, новиот објект на ЕЛЕМ досега проголта над 17,4 милиони евра за неговата изведба. Административната зграда од проектот „Скопје 2014“ се гради врз основа на идејното решение на авторите Лазар Димов, Жарко Чаушевски и Стефан Смилевски.