За да се продолжи работниот век на РЕК „Битола“, Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) во претстојните недели ќе објават тендер за изработка на главен рударски проект за експлоатација на јаглен од наоѓалиштето Живојно, заедно со ревизија на документацијата и со изготвување на Студија за оцена на влијанието врз животната средина од рудникот „Живојно“. Од државната енергетска компанија веќе располагаат со податоци дека од овој рудник би можеле годишно да се експлоатираат околу 1 милион тон јаглен, со што ќе се овозможи непречено работење на термоелектраната „Битола“. Наоѓалиштето е трето главно лежиште на јаглен во Пелагонискиот регион, оддалечено е околу 20 километри од рудникот Суводол и се наоѓа во близина на границата со Грција.
*Новиот рудник „Живојно“ треба да го продолжи работниот век на РЕК „Битола“
Од ЕЛЕМ проценуваат дека главниот рударски проект и преостанатата документација би можеле да се изработат во период од 15 до 18 месеци, но за избор на соодветни компании ќе мора најпрво да се објави тендерска постапка. Тие најпрво до 17 јануари ќе ги очекуваат предлозите на компаниите во врска со подготвената тендерска документација, по што ќе се пристапи кон распишување на огласот. Досегашните студии покажаа дека вкупните геолошки резерви на јаглен кај Живојно изнесуваат 101.684.407 тони, додека експлоатационите резерви се проценети на 21.350.000 тони јаглен.
Веќе направените проценки говорат дека инвестицијата за отворање на рудникот Живојно ќе ја чини државата над 103 милиони евра, но со неа ќе се обезбеди продолжен работен век и на најголемиот енергетски капацитет во земјава – РЕК „Битола“.