Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) ќе ги поддржи младите иноватори од тимот „Свифт“ кои победија на натпреварот на НАСА во Македонија со изумот „сензор за мерење на сончева енергија“ и нивниот изум ќе го употреби во своите развојни проекти. „Станува збор за софистициран пронајдок односно сензор за мерење на сончевата енергија. Овие млади луѓе, како најдобри од Македонија, влегоа во светското финале на овој глобален натпревар, и добија посебна покана со цел да го претстават својот инвентивен изум во НАСА, каде што е планирано да патуваат следниот месец“ изјави генералниот директор на ЕЛЕМ Драган Миновски.
Како што рече Миновски, државната енергетска компанија почнала со подготовките за изградба на 10 мегаватна фотоволтаична електрана во нашата земја. Изумот на младите иноватори ќе биде искористен за да се утврди прецизно која локација ќе биде најпогодна за поставување на фотоволтаиците. Покрај за соларната електрана, овој прототип може да се искористи и во рамките на проектот на Владата „Македонско сонце за македонска енергија“ за субвенционирање домаќинства за фотонапонски електрани, во кои ЕЛЕМ ќе биде активно вклучен. ЕЛЕМ ќе ги поддржи младите иноватори со одредена финансиска сума како спонзорство од компанијата.
Младите пронаоѓачи од тимот „Свифт“ учествуваа на NASA Space Up Challenge во организација на Њуменс бизнис акцелератори и иако беа средношколци и најмлад тим успеаја да победат. Од април годинава работат на усовршување на прототипот. „Функционалноста на продуктот е во помошта која ја пружа на идните инвеститори во фотоволтаици да проверат дали инвестицијата би им се исплатела и за колкав временски период ќе ја вратат назад. Може да придонесе и за цели држави доколку владите покажат интерес за соработка за субвенционирање на извори на обновлива енергија, како и да најдат најсоодветни региони за изградба на фотоволтаични централи“ истакна иноваторот Александар Момироски, бруцош на Машинскиот факултет во Скопје.