Претходна статија
Државата ја заврши изградбата на 169 социјални станови во Штип и Битола
Следна статија
Општина Аеродром продолжува со уредување на нови паркови

ЕЛЕМ кани кандидати за изградба на ХЕ Бошков Мост

Објавено на 14.01.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Визуелизација на идната акумулација на ХЕ Бошков МостАД Електрани на Македонија вчера објави покана за претквалификација на кандидати за изградба на хидроелектраната Бошков Мост. Потенцијалните изведувачи ќе се претквалификуваат за два засебни тендери кои опфаќаат градежни работи на различни сегменти од проектот, но работите ќе се реализираат истовремено. Градежните активности се очекува да започнат кон средината на годинава и да бидат завршени во првиот квартал од 2016 година. Финансиите се обезбедени преку кредит од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) тежок 65 милиони евра и сопствени средства на ЕЛЕМ во висина од 42 милиони евра. Хидроелектраната ќе има инсталирана моќност од 68,2 MW и ќе работи околу 2.364 часа чодишно, притоа произведувајќи 117,54 GWh електрична енергија. За споредба, просечното годишно производство на ХЕ Козјак е 150 GWh, а на мавровскиот систем 445 GWh.

 

ХЕ Бошков Мост е типична деривациона хидроелектрана. Со вода ќе се снабдува од Мала Река и нејзините притоки. Планирана е камено – насипна брана на Мала Река, со височина од 33,8 метри и ширина на круната од 6 метри. Браната ќе биде лоцирана во тесната клисура на околу еден километар од селата Тресонче и Селце, непосредно низводно од местото каде што се спојуваат Јадовска Река и Тресонечка Река. Акумулацијата ќе зафаќа околу 22 хектари, од кои 15 хектари сега се користат како пасишта, а останатата површина е пошумена.

 

Сливно подрачје на Мала РекаВода исто така ќе се собира од локалните притоки на Мала Река, на локации кај селата Тресонче, Селце, Росоки, Лазарополе, Могорче, Осој и Гари. Водата од притоките ќе се транспортира до тунелот и до резервоарите преку аквадукти и сифони. Доводниот тунел ќе се ископа во ридот на десната страна на Мала Река и ќе биде со должина од 8,7 километри до водостанот. Од водостанот, водата ќе тече уште 850 метри низ закопани цевководи, надолу кон машинската зграда, којашто ќе биде лоцирана 365 метри пониско од акумулацијата, на десната страна од Мала Река. Откако ќе мине низ турбините за производство на електрична енергија, водата ќе се враќа во Мала Река на околу 200 метри возводно од местото на нејзиното влевање во Радика.

 

Според проценките, изградбата на проектот ќе бара 125.345 метри кубни бетон, 212.142 метри кубни камен материјал, 22.774 метри кубни глина и 12.192 метри кубни филтерски материјал.