„Електрани на Македонија“ ја почнаа постапката за избор на компанија од која ќе се набави нова рударска опрема за потребите на јагленокопите во РЕК „Битола“. Со опремата ќе се овозможи целосно отворање на капацитетите на новиот рудник Подинска јагленова серија во Суводол, како и за континуирана и самостојна работа на површинските рудници Суводол и Брод Гнеотино. Финансиската рамка на проектот изнесува 64,5 милиони евра, кои се обезбедени од сопствениот буџет на компанијата и од кредит подигнат од германската Дојче банка.
Во набавката е вклучена разновидна рударска опрема која ќе овозможи РЕК „Битола“ да врши ископ на јаглен и јаловина, со што ќе се обезбеди непречена и ефикасна работа на комбинатот во наредните 15 до 20 години. Тендерската постапка е распишана врз основа на изработената технолошко – економска анализа, и се однесува на ископ на јаглен и јаловина во континуиран режим и на механизација за ископ и транспорт наменета за дисконтинуиран дотур на јаглен. Од државната енергетска компанија појаснуваат дека опремата вклучува набавка на транспортер (бандваген), транспортен систем за јаловина, мобилна телескопска разделна станица, примарна дробилка за јаглен, 15 хидраулични багери, 12 булдожери, 28 камиони дампери со носивост поголема од 40 тони, грејдер, шест автодигалки, цистерни за вода и цистерна за гориво.
По изборот на најповолен понудувач, од ЕЛЕМ очекуваат дека целокупната рударска опрема ќе пристигне етапно во наредните 12 до 24 месеци. По комплетирањето на проектот, државната енергетска компанија ќе може самата да го реализира процесот на ископ и транспорт на јаглен без ангажирање на надворешни фирми како што беше случај досега.