Претходна статија
ФЕЉТОН: Земјотресот во Скопје се совпаднал со почетокот на работата на полските извозни претпријатија (4)
Следна статија
5,8 милиони евра за одржување на главните патишта низ земјава

ЕЛЕМ го поништи тендерот за изработка на проект за катната гаража во Охрид

Објавено на 16.10.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) во наредниот период ќе се насочи кон реализација на проекти од нејзината основна дејност, а тоа е производството на електрична енергија. Изградбата на планираната катна гаража во Охрид се ревидира како проект, при што веќе е поништен тендерот за избор на проектантско биро што требаше да го проектира и ревидира основниот проект за катната гаража во центарот на Охрид. „Поради непредвидени и објективни околности се промениле потребите на договорниот орган“ се вели во образложението објавено на веб-страницата на Бирото за јавни набавки.

 

Изградбата на две катни гаражи во Охрид беше ветување на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ за решавање на проблемот со паркирање во овој туристички центар. ЕЛЕМ минатата година организираше архитектонски Конкурс за еден од двата инфраструктурни објекта, на кој првата награда ја освои авторката Ивана Ралевиќ. Тендерот за изработка на основниот проект и неговата ревизија беше објавен кон средината на април годинава.

 

Новото раководство на ЕЛЕМ веќе во неколку наврати најави дека во наредниот период ќе се сконцентрираат на зголеменото производство на електрична енергија од домашните капацитети. Увозот на струја од странство ќе треба да се намали, но и да се скратат севкупните издатоци на компанијата на проекти што не се од нивната основна дејност. Да потсетиме, ЕЛЕМ во минатите години со сопствени средства градеше „барокна“ палата во центарот на Скопје, беше вклучена во менувањето на модернистичката фасада на зградата на ЕВН, изработуваше проекти за изградба на скијачки центар на Водно, за конгресен центар во Охрид, за изградба на жичара на Попова Шапка и други проекти.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk