ЕЛЕМ со 40 милиони евра ќе набавува механизација за ископ на јаглен во РЕК „Битола“. Наместо да плаќа високи износи за ангажирање на приватни фирми за оваа дејност, државната енергетска компанија во иднина самата ќе го врши ископот на јаглен. Целокупната постапка ќе се спроведе преку два тендера, при што првиот беше распишан денес. Со првиот тендер ќе се набават 44 машини во вредност од 19 милиони евра, и тоа: 8 хидраулични багери, 9 булдожери, 2 грејдери, 3 автодигалки, 3 товарачи, 2 комбинирани градежни машини – скипови, 4 телескопски чистачи на транспортни ленти, 2 цистерни за вода, 3 товарни возила за кревање и пренос на товар и 8 камиони – дампери со носивост од 30 тона.
Вториот тендер вреден 22 милиони евра за набавка на преостанатата неопходна механизација ќе биде објавен наредниот месец. Од ЕЛЕМ очекуваат тендерските постапки да се одвиваат во предвидените рокови, а машините да се испорачаат до крајот на 2018 година. Со реализацијата на овој проект ќе се оствари значителна заштеда на финансиски средства од државната компанија. Од 2019 година нема да се ангажираат надворешни фирми за ископ на јаглен. Колку за споредба, претходните раководства на ЕЛЕМ во периодот од 2012 до 2017 година потрошиле 212 милиони евра за ангажирање компании за ископ на јаглен и јаловина и за помошна механизација за транспорт.