Претходна статија
Новиот мост на Дрим во Струга ќе се гради претстојната пролет
Следна статија
Ставен во функција новиот далновод Вруток – Полог - Тетово

ЕЛЕМ бара изведувач за изградба на новиот административен објект во класицистички стил

Објавено на 19.10.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Администрацијата на Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) за две години ќе се пресели во нова зграда во класицистички архитектонски стил спроти хотелот „Бристол“. Државната компанија деновиве објави оглас за избор на градежна компанија која ќе го реализира новиот административен објект, на местото на некогашниот парк во строгиот центар на Скопје. Според информациите кои ги содржи Деталниот урбанистички план „Голем Ринг – Исток“, зданието од приземје, осум ката и поткровје ќе биде со максимална висина од 29 метри и ќе има површина од 9.130 метри квадратни. Изведбените активности ќе се одвиваат на парцелата со големина од 1.432 метри квадратни, која се наоѓа на самиот агол помеѓу улиците „Македонија“ и „Мито Хаџивасилев Јасмин“.

 

Локацијата за идниот објект на ЕЛЕМ - Паркот спроти „Бристол“, пред сечењето на дрвјатаПред да започне оваа постапка, ЕЛЕМ на конкурс го избра идејното решение на архитектите Лазар Димов, Жарко Чаушевски, Стефан Смилевски и архитектонското студио „Неимар инженеринг“ од Скопје, врз основа на кое ќе се реализира проектот во препознатливиот стил на „Скопје 2014“. Во наредниот период ЕЛЕМ ќе го обелодени и конечниот изглед на идната административна зграда. По чинот на потпишување на договорот, најповолниот понудувач ќе биде задолжен да го комплетира целокупното здание во временски период од 18 месеци. Компанијата која ќе го гради објектот и крајниот рок за негово завршување ќе се знаат после 3 декември, за кога е закажано јавното отворање на доставените понуди. Во меѓувреме, дрвјата во паркот спроти хотелот „Бристол“ деновиве беа исечени, со што се создаде простор за почеток на реализацијата на овој проект, како и проектот за изградба на административна зграда во која ќе се сместат неколку државни институции и која треба да биде лоцирана веднаш до идното седиште на ЕЛЕМ.