Претходна статија
Се подготвува терен за комплексот на Субрата Рој во Љубаништа?
Следна статија
Фотоволтаиците и малите хидроелектрани станаа атрактивни за инвестирање во земјава

Експертите бараат поголема свест за употреба на несогорливи материјали во објектите

Објавено на 27.09.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Шест милиони пожари се случуваат годишно во светот во кои гинат во просек по 50 илјади луѓе и се предизвикува материјална штета од 100 милијарди долари. Времето потребно за заштита од проширување на малите пожари во поголема несреќа денеска е намалено на само три минути, што претставува временски период во кој противпожарните екипи не можат да пристигнат за да дејствуваат. Овие загрижувачки податоци беа изнесени на денешното предавање „Противпожарната заштита на објектите и градежните системи“, во склоп на втората по ред „Кнауф Академија“. Кај компаниите, архитектонскиот, градежниот кадар и пошироката јавност во Македонија треба да се зголеми свеста за превенција, а најдобар чекор во таа насока е употребата на огноотпорни градежни материјали при изградбата на објекти, кои можат да спасат човечки животи и да ја редуцираат настанатата штета.

 

#Европската Директива за градежни производи пропишува суштински барања за употреба на материјали што обезбедуваат заштита од пожар. Мери Цветковска, универзитетска професорка на Градежниот факултет од Скопје, во своето предавање нагласи дека бетонот и челикот се негорливи материјали што не учествуваат во процесот на горење, но високата температура за време на пожарите предизвикува редукција на механичките својства и промени на техничките својства на материјалите. Таа потенцираше дека пожарот може да доведе до намалување на носивоста на градбите и до огромни оштетувања на армиранобетонските конструкции на објектите, речиси идентични на оштетувањата при појава на земјотрес. Оттука, најважно е превенирањето од пожар уште при конструкцијата на објектот, во делот на употреба на градежни материјали.

 

#Професорот Петар Цветановски од Градежниот факултет во своето излагање истакна дека е неопходно да се направи конструктивна и термичка анализа на челичната конструкција на објектите. При појава на пожар, кај незаштитените челични конструкции се јавува пад на носивоста и пораст на деформациите, што може да доведе до проблеми со стабилноста на зданието. Тој објасни дека градежните материјали за термичка заштита можат да ја подигнат противпожарната заштита на челичните конструкции на објектите дури и до 90 минути, наспроти минималните 15 минути кај незаштитените конструкции.

 

Учесниците на денешното предавање се согласија дека Македонија треба да обрне поголемо внимание на противпожарната заштита на објектите. Во услови на неодговорност на граѓаните кои противпожарните скали и просторите за евакуација во зградите ги користат за други намени, а хидрантите за гасење на пожар се крадат, останува обврската на проектантите и изведувачите при реализацијата на објектите да употребуваат негорливи градежни материјали што можат да го превенираат ширењето на пожари. Денешната манифестација беше организирана од страна на македонското претставништво на Кнауф, во соработка со Градежниот факултет од Скопје и Комората на овластени архитекти и инженери на Македонија.