Претходна статија
Во кумановско продадени над 50 хектари за изградба на индустриски објекти
Следна статија
Наплив од заинтересираност за изведба на нови фотонапонски електрани и мали хидроелектрани

Еколозите победија, изградбата на ХЕ „Бошков мост“ ќе се пролонгира барем до есен

Објавено на 19.05.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) го слушна гласот на македонските еколози. Проектот за изградба на хидроелектраната „Бошков мост“ во Националниот парк „Маврово“ ќе биде предмет на нова постапка за детална анализа во однос на тоа кои еколошки процедури банката ги прекршила во процесот на одлучување за проектот, по прифаќањето на поднесената жалба до ЕБРД од страна на македонското еколошко здружение „Еко – свест“.  Евалуацијата на дејствувањето на банката ќе трае најдоцна до оваа есен, до кога ќе бидат предложени мерки и решенија за отстранување на негативните ефекти на идната хидроелектрана врз животната средина. Ваквиот потег би требало да го одложи почетокот на градежните активности за изградба на овој енергетски објект, за кој Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) веќе објави покана за претквалификација на компаниите заинтересирани да учествуваат на тендерот.

 

*Проект „Бошков мост“, ќе ја задоволиме ли енергетската „глад“ или пак ќе ја зачуваме животната средина?

 

 

Постапката за анализа на процедурите ќе ги опфати темите: дали Банката правилно ги оценила ризиците по живиот свет, особено по балканскиот рис, кој се смета за критично загрозен од страна на Меѓународната организација за заштита на природата; анализа дали Банката ги проценила кумулативните ефекти врз климата и животната средина на сите хидро – проекти планирани во националниот парк; дали Банката добро ги анализирала сите можни алтернативи на проектот пред да одлучи дека тој е најдобрата опција и дали областа на планираниот проект треба да се смета за „критична“ по опстанокот за популацијата на Балканскиот рис.

 

Покрај македонските еколози, за проектот вреден 107 милиони евра со своја реакција излегоа неколку европски еколошки организации. „Euronatur“ во своето соопштение од пред неколку месеци напомена дека планираната хидроелектрана ќе влијае врз опстанокот на балканскиот рис и низа други загрозени растенија и животни и истовремено потенцираше дека ќе побара од ЕБРД да го повлече ветениот заем за Македонија. Енергетскиот проект „Бошков мост“ предвидува изградба на хидроелектрана со инсталирана моќност од 68,2 MW која ќе произведува 117,54 GWh електрична енергија на годишно ниво, што е за речиси 30% помалку од ХЕ „Козјак“ како последен изграден објект од ваков вид во земјава.