Со отворено писмо адресирано до премиерот Зоран Заев, македонските еколози бараат итно воведување на мораториум со кој би се сопрело градењето во Охридскиот регион. „Фронт 21/42“, „Охрид СОС“ и „Еко-свест“ во писмото посочуваат дека ова барање е доставено во 2017 година и од Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО и Комитетот за светско наследство на УНЕСКО. Препораката за стопирање на сите крајбрежни и урбани трансформации во Охридскиот регион беше вметната во групата на итни мерки, но таа не беше опфатена и остана игнорирана од македонската влада во Извештајот за напредокот во спроведувањето на препораките на УНЕСКО.
Не само што не ја спровела оваа мерка, туку македонската влада усвоила информации што се однесуваат на натамошни крајбрежни трансформации на Охридското езеро. Еколозите во отвореното писмо укажуваат дека на терен постојат активности кои значат непочитување на препораката издадена од УНЕСКО. „Бараме од Владата на Република Македонија во најбрз можен рок, не подоцна од 30 дена, да прогласи мораториум за сите крајбрежни и урбани трансформации на територијата на Светското природно и културно наследство – Охридскиот регион“ се вели во испратениот допис.
Здруженијата потсетуваат и на скорешниот извештај за напредокот на Р.М. од Европската Комисија, во која се бара централната власт да ги почитува обврските за заштита на природата. Македонската влада изминатава зима се одлучи да усвои дел од препораките на УНЕСКО во однос на заштитата на Охрид и Охридското езеро, при што испрати и Извештај за напредокот во спроведувањето на препораките на УНЕСКО.