Претходна статија
Куманово со монтажни гаражи ќе го решава проблемот со паркирање
Следна статија
Клиничката болница во Штип ќе биде завршена до средината на 2020 година

Екологистите се жалат од предложениот Закон за просторно и урбанистичко планирање

Објавено на 17.01.2019 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Наместо да се подготви поквалитетно законско решение, власта ги продолжува лошите пракси при усвојување и на новиот Закон за просторно и урбанистичко планирање. Од граѓанската О2 иницијатива денеска се изјаснија дека Министерството за транспорт и врски попушта под притисокот на градежниците и турка лоши законски измени. Тие велат дека Уставниот суд во јули 2017 година го укинал членот 50 од постојниот закон за урбанистичко – планска документација за градби од посебен интерес, но во најновиот предложен закон се воведува нова категорија – Урбанистички план за подрачја и градби од државно значење.

 

 

„Имаме повторување на “мала” недореченост која отвора многу можности и со која секоја одлука на Владата се покрива, а тоа е делот ‘и други подрачја и објекти од државно значење’“, посочуваат од О2 иницијативата. Активистите дополнуваат дека во предложениот закон е избришан терминот Стратегиска оценка за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето. Токму врз основа на непостоењето на овој документ или недоследностите околу него, Уставниот суд ги укина четирите ДУП – ови во општина Карпош и еден ДУП во општина Гази Баба. Еколозите сметаат дека државата намерно заборавила да ја спомене Стратегиската оценка, бидејќи со него ќе се елиминира причината за укинување на неквалитетните ДУП – ови.

 

Со најновиот Закон за просторно и урбанистичко планирање се воведува нов член, со кој се пропишува враќање на претходниот ДУП или дел од овој урбанистички план за локацијата за која е укинат урбанистичкиот план со одлука на Уставниот суд или некој друг орган. Воедно, мораториумот за спроведување на урбанистичките планови во иднина ќе биде многу потешко да се донесе. „Одлуката за суспензија на ДУП/УП треба да се донесе врз основа на стручен елаборат за суспензија на применувањето на урбанистичкиот план, негови делови или плански одредби, изработен од комисијата за урбанизам, а по претходно добиено мислење од министерот“, посочуваат од граѓанската О2 иницијатива.