„02 Иницијативата за чист воздух“ денеска упати барање до градоначалникот на општина Гази Баба, Борче Георгиевски и до претседателот на Советот на општина Гази Баба, Тони Бошковски веднаш да го прекинат јавниот повик за давање под закуп на 99 години на спорната парцела во склоп на скопската железарница со основна намена за изградба на тешка и загадувачка индустрија. Повикот за давање под долготраен закуп беше објавен од страна на општина Гази Баба на почетокот од ноември годинава, по што градоначалникот Борче Георгиевски веднаш демантираше дека на понудената локација би се градела тешка и загадувачка индустрија.
Еколозите нагласуваат дека минатата недела до Уставниот суд веќе поднеле Иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на ДУП-от за Градска четврт „С 17“ блок 1, во чии рамки е лоцирана спорната парцела од 66.996 метри квадратни. Стопирањето на распишаниот оглас, велат од „О2 Иницијативата“, ќе допринесе за отсуство на евентуални финансиски штети што би настанале по општинскиот буџет.
„Бараме да го прекине јавниот повик и стопира процесот до конечната одлука на Уставен суд“ велат од „О2 Иницијативата“. Еколозите бараат од општина Гази Баба да го извести Уставниот суд за пропустот што е направен при донесувањето на ДУП-от од претходната локална власт, со што ќе се забрза постапката за донесување на конечната одлука од уставните судии.