Претходна статија
Студентскиот дом „Стив Наумов“ ќе добие нови сместувачки капацитети
Следна статија
Продадени 3.092 метри квадратни во старата касарна во Гевгелија

Едукативни содржини во Градскиот парк во Скопје

Објавено на 26.12.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Градскиот парк во Скопје во петокот беше збогатен со шест едукативни просторни инсталации, во продукција на архитектонските студиа „Архитектри“ и „СКАрС“. Инсталациите се тематски поделени во две групи. „Човекот и неговиот простор” чив автор е Ристо Аврамовски и „Во светот на детските фанатазии” дело на Ивaна Топаловска.

 

Алиса во земјата на чудатаВолшебникот од ОзПинокио

КсилофонНесиТотем

 

 

 

ВО СВЕТОТ НА ДЕТСКИТЕ ФАНТАЗИИ

 

Подтема: ИМАГИНАРНИ СВЕТОВИ

Едукативна просторна инсталација 1:

Алиса во земјата на чудата

Зададената категорија “имагинарни светови“ нуди широки можности за творечка интерпретација. Предлогот за едукативна просторна инсталација за градскиот парк во Скопје е разработена според новелата “Алиса во земјата на чудата“, напишана од Чарлс Лутвиџ Доџсон (Charles Lutwidge Dodgson) а попознат под псевдонимот Луис Карол (Lewis Caroll) во далечната 1865 година.  Токму ова дело претставува една бевремена приказна која е глобално позната а која изобилува со силина на дејствие кое не ги остава рамнодушни ниту децата ниту нивните родители, без разлика на која генерација тие и припаѓаат. Во центарот на вниманието е девојчето Алиса кое е опкружено со семејство на антропоморфни суштества кои ја следат во мноштвото на светови низ кои таа патува во својата имагинација. Во тој контекст, едукативната просторна инсталација претставува матерјализација на дел од светот на Алиса и претставува сцена која е многу впечатлива. Се работи за колонија на печурки, над кои се претставени главните јунаци на новелата. Просторната инсталација е изработена од рамнински површини од лим кои ласерски се одсекуваат до саканата геометрија. Во подножјето на печурките се наоѓаат места за седење кои претставуваат продолжение на стеблото на печурките а целата композиција е поставена на кружен хортикултурен постамент од бела ризла кој е во рамнина на употребната површина на паркот.

 

Подтема: СВЕТОТ НА БАЈКИТЕ И ПРИКАЗНИТЕ

Едукативна просторна инсталација 2:

Волшебникот од Оз

Предлогот за едукативна просторна инсталација во рамки на подтемата “Светот на бајките и приказните“ е инспириран од новелата на Франк Баум (Frank Baum), “Волшебникот од Оз“. Напишана во далечната 1900 година во Америка, оваа приказна и вистинска класика е надвремена и таа е популарна во секоја генерација. Во центарот на вниманието е секако малата Дороти која талка низ земјата на Оз. Едукативната просторна инсталација е обид да се презентираат токму највпечатливите аспекти на патувањето односно сцената која постојано се повторува односно дворецот на волшебникот кој се наоѓа некаде на хоризонтот како и жолтиот пат од тули кој води до него.

Просторната инсталација е составена од неколку дела, и тоа: кружен постамент, вертикално поставени дрвени балвани помеѓу кои може да се помине или борави, патека која води кон постаментот изработена од дрвени даски кои се исфарбани со жолта боја, скулптура на железниот војник која се наоѓа веднаш покрај пристапната патека, и секако, чевличките на Дороти преку кои всушност индиректно се навестува нејзиното присуство.

 

Подтема: СВЕТОТ НА БАЈКИТЕ И ПРИКАЗНИТЕ

Едукативна просторна инсталација 3:

Пинико

Приказната за Пинокио е една од најпознатите приказни за деца. Таа за првпат е објавена во далечната 1891 година а нејзин автор е италијанскиот писател Карло Колоди. Во центарот на приказната е малата палава кукла од дрво по име Пинокио која поминува низ многу авантури во намерата да докаже дека е храбар и несебичен, како конечно би бил претворен во вистинско момче.   Едукативната просторна инсталација го доловува мигот кога Пинокио е голтнат од китот и тој наеднаш се наоѓа во просторот на неговата уста. Просторната инсталација е составена од неколку составни дела, и тоа: кружен хортикултурен постамент од бела ризла кој го симболизира долниот дел од устата на китот врз кој во форма на призми кои се изработени од дрвени балвани се претставени забите на китот. Горната усна на китот е претставена преку челична конструкција околу која се преврзани мали цевчести профили кои формираат површина која претставува четвртина од топка, бо чие подножје во десниот агол е поставена мала скулптура на Пинокио. Челичните полукружни профили се изработени од сегменти кои помеѓу себе се варат и на тој начин ја формираат посакуваната геометрија на устата на китот. Телото на китот продолжува во форма на хортикултурно уредување по што крајниот впечаток е дека китот всушност плови по површина на паркот.

 

 

 

ЧОВЕКОТ И НЕГОВИОТ ПРОСТОР

 

Подтема: ЧОВЕКОТ И ФИЗИЧКИОТ ПРОСТОР

Едукативна просторна инсталација 4:

Ксилофон

Од сите сетила со помош на кои човекот го спознава просторот во кој што престојува, преку сетилото за звук доспеваат најголем број на информации. Во таа смисла, нашиот престој во физичкиот простор во голема мерка е престој во светот на звуците. Едукативната просторна инсталација ја експлоатира идејата дека секој посетител, во зависност од своето движење по инсталацијата, може да учествува во произведувањето на звуци. Во тој контекст, просторната инсталација претставува систем од метални плочи со различни големини кои се ослонети на 2 потпори чие взаемно растојание всушност го условува производството на одредени тонови. Просторната инсталација е сместена во непосредна близина на пешачка патека со што нејзината употреба е олеснета.

 

Подтема: ЧОВЕКОТ И БИОЛОШКИОТ ПРОСТОР

Едукативна просторна инсталација 5:

Неси

Покрај човекот, просторот на планетата Земја им припаѓа и на многу други животни форми. Со некои од тие видови сме современици но со некои не делат илјадници односно милиони години еволуција. Чудовиштето од езерот Лох Нес во Шкотска или попознато како Неси е едно од најпознатите митови за постењето на животен вид односно биолошка единка која е во врска со видовите од далечното минато на планетата Земја. Во тој контекст, просторната инсталација е обид да се портретира ова митско животно со чие постоење односно непостоење се обземени многу генерации на истражувачи на биолошкиот простор.

Просторната инсталација во целост е изработена од дрво и таа на многу питом начин се вклопува во пејзажот на паркот. Употреби кои се предвидуваат се седење, лежење, како и раскажување на легендата на чудовиштето од Лох Нес.

 

Подтема: ЧОВЕКОТ И КУЛТУРНИОТ ПРОСТОР

Едукативна просторна инсталација 6:

Тотем

Човекот одсекогаш изнаоѓал начини да го означи просторот во кој што живее, на начин на кој што соопштува нешто за себе си или за социјалната односно културната група на која и припаѓа. Тотемите се едни од тие претстави и тие вообичаено претставуваат животински или други видови преку кои одредена социјална група се идентификува. Тотемот како форма на означување на просторот е популарен на сите континенти но најмногу на северноамериканскиот каде најчесто е употребуван од страна на домородните индијанци. Преку бројните екранизации особено во американските вестерн филмови, оваа култура на знаци се пренесе насекаде во светот и тоа во форма на културен производ. Во таа смисла, просторната инсталација во форма на Тотем во градскиот парк во Скопје има за цел да го отвори прашањето на една многу богата култура односно култ кон симболичкото означување на просторот.

Просторната инсталација е формирана од дрвени балвани со квадратен пресек и со едноставен кубичен габарит кои се поставуваат еден покрај друг во ортогонален систем на редење, во неколку вертикални слоеви. Единствените вертикални елементи кои излегуваат од композицијата се насликани со впечатливи бои, ликовно претставувајќи глави од ендемски птици како був и орел.