Претходна статија
Долгонајавуваниот пат Радовиш - Струмица ќе биде готов до јануари
Следна статија
Се подготвува промена на уште пет фасади во центарот на Скопје

Две нови згради ќе се градат на местото на сегашните бараки на АДСДП во Дебар маало

Објавено на 28.11.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Ќе се рушат старите бараки во кои е сместено седиштето на Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор (АДСДП) во Дебар Маало и на нивно место ќе се градат две 18-метарски згради со намена за комерцијални и деловни дејности. Министерството за транспорт и врски распиша оглас за продажба на двете градежни парцели со вкупна површина од 5.675 метри квадратни по цена од 6.000 денари за метар квадратен. На земјиштето ќе може да се подигнат две зданија со приземје, четири ката и поткровје, со канцелариски простор на површина од 19.395 метри квадратни и со подземен паркинг простор што треба да прими 259 возила. Идниот инвеститор на атрактивните парцели ќе треба 4.000 метри квадратни од вкупно изградената површина да ги префрли во сопственост на АДСДП, при што деловниот простор мора да биде лоциран на приземје или пак на првите два ката од објектите и да биде изграден во завршна фаза без ентериерно уредување.

 

Административниот персонал на јавното претпријатие ќе биде привремено префрлен во канцелариски простор, за чие изнајмување е задолжен најповолниот понудувач на електронското јавно наддавање. Пријавите за учество на лицитацијата треба да се достават најдоцна до 27 декември во посебен плик за секоја градежна парцела одделно, а компанијата што ќе ги гради двете згради ќе биде позната на 2 јануари 2013 година. Покрај зацртаните 4.000 метри квадратни во Дебар Маало, АДСДП во иднина ќе добие канцелариски простор и во рамките на новата административна зграда која што ќе ја гради македонската влада спроти хотелот „Бристол“ во строгиот центар на Скопје.