Два нови образовни објекти во кои ќе бидат сместени Факултетот за физичко образование, спорт и здравје и Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство (ФИНКИ) ќе се градат во рамки на комплексот факултети на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Министерството за образование и наука денеска распиша Конкурс за избор на архитектонски трудови за двете идни зданија, планирани на просторот спроти ТЦ „Мавровка“. Изборот на идејно решение е првата фаза од постапката за изработка на техничката документација за изградба на објектите.
* Просторот на кој ќе се градат новите факултети
Од архитектите се бара со своите творечки трудови да применат креативност, инвентивност и оригиналност, да обезбедат современ третман на објектот во согласност на неговата функција, да применат ефикасно природно осветлување и да предложат конструкција која ќе обезбеди сеизмичка стабилност и економичност на функцијата. Идејните решенија треба да се достават најдоцна до 17 ноември до Архивата на Министерството за образование и наука.
Жири – комисијата ја сочинуваат Кристинка Радевски, Димитар Трајанов, Милош Стокуќа, Наташа Хаџи – Лега, Александар Јанакиески и Вујица Живковиќ. Конкурсот е делив на два дела, и тоа објект на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје и објект на Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство. Министерството за образование и наука ќе додели три награди и три откупи за пристигнатите дела на архитектите. Првата награда е во износ од 350.000 денари, втората 300.000 денари, а третата 250.000 денари. Надлежното министерство ќе додели и три откупи на издржани идејни решенија во вредност од по 50.000 денари.