Градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ во изјава за агенцијата „Макфакс“ вели дека општината ја започнала процедурата за менувањето на ДУП „Мал Ринг“ во насока на бришење на шесте маркички за галиите во реката Вардар. Општина Центар во наредниот период има намера да подготви нови детални урбанистички планови во согласност со сите законски процедури. Тој потсети дека изградените галии имаат третман на урбана опрема, а Градот Скопје веќе ја разгледува можноста за нивна дислокација.
Раководството на Општина Центар во владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, во мај 2012 година, преку мнозинството во општинскиот совет, го протурка вметнувањето на шест маркички за изградба на галии во минор коритото на реката Вардар. Овие објекти почнаа да се градат во 2014 година, како партнерство помеѓу Град Скопје и приватни инвеститори. Во централното градско подрачје денеска се изградени три галии, но актуелниот урбанистички план „Мал Ринг“ дозволува изведба на уште три вакви зданија.
Скопскиот градоначалник Петре Шилегов пред три недели издаде налог за почнување на постапка за дислоцирање на постоечките три галии од центарот на Скопје.
» Форумска дискусија за галиите и плажите на Вардар
» Форумска дискусија за ДУП Мал Ринг