Министерството за транспорт и врски денеска излезе со рекапитулација на своето работење во доменот на продажба на државното неизградено земјиште во изминатите пет години. Според информациите на министерот Миле Јанакиески, јавните наддавања за парцелите резултирале со склучување на 955 договори со домашни и странски субјекти, а врз основа на уплатените финансиски средства за купување на земјиштето се инкасирани 3.533.545.597 денари или околу 57 милиони евра, заклучно со 2011 година. На дел од отуѓените локации веќе се изградени 142 објекти, така што заокружена е реализацијата на проектите кај 14,86 отсто од вкупниот број на продадени парцели. Во тек е изведбата на уште 291 објект, при што се очекува инвеститорите да ги остварат зацртаните критериуми при купување на земјиштето.
Најголем дел од купувачите на државното земјиште сеуште не ја отпочнале градбата на објектите или пак се наоѓаат во фаза на подготовка на теренот за градење. Сопствениците на 480 градежни парцели или околу 50 отсто од вкупниот број допрва ќе треба да ја започнат реализацијата на своите проекти или ќе се соочат со одземање на земјиштето, доколку не се обезбеди потребното одобрение за градење или пак ако не се заврши ветениот објект во законскиот рок. Министерот Јанакиески напомена дека досега е одземено правото на сопственост врз земјиштето во 42 случаи, односно 4,39 отсто од склучените договори се раскинати, поради непочитување на дадените законски услови.
Министерството во текот на наредната недела ќе распише оглас за продажба на дополнителни 30-тина локации на кои е планирано да се градат хотелски комплекси, индустриски објекти, винарии, откупни центри и комерцијално – деловни згради. Од јули минатата година до денес вкупно 39 македонски општини ги презеле ингеренциите за управување со државното градежно неизградено земјиште. Во согласност со законската регулатива, 80 отсто од обезбедените средства од лицитацијата на земјиштето е наменета за буџетот на локалната самоуправа, на чија територија истото се наоѓа.