Претходна статија
Распишан архитектонски Конкурс за идниот кампус на универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје
Следна статија
Пет игралишта во Центар адаптирани за децата со посебни потреби

Државата се натпреварува со времето за довршување на пругата Битола – Кременица

Објавено на 24.08.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Осум години се ветуваше, седум години поминаа од потпишувањето на договорот со ЕУ, а веќе трета година никако да се изгради проектот. Довршувањето на изградбата на пругата Битола – Кременица е ставенo под знак прашање. Железничката траса, којашто минува низ рамниот терен на Пелагонија, се гради од јануари 2015 година, и тоа со договор потпишан со ЕУ уште во ноември 2010 година. Ако не се поправат сериозните грешки од претходната власт, финансиските средства од ИПА програмата на крајот од годинава ќе мора да бидат вратени назад во буџетот на ЕУ.

 

Новата влада прави напори до крајот на годинава да се искористат 30 милиони евра од ИПА програмата на ЕУ, чиј краен рок за завршување е токму претстојниот декември. Пругата Битола – Кременица е еден од проектите што хронично доцнат со реализација. Ако не успее да стигне со избор на нов изведувач за проектот, македонската влада ќе мора со сопствени средства да го довршува овој железнички крак од паневропскиот Коридор 10Д. Министерството за транспорт и врски треба до 1 октомври да го определи изведувачот на работите, при што доставените понуди од сегашниот тендер во наредните недели ќе треба да се евалуираат.

 

„Владата прави напори за посилно ангажирање на сите капацитети во функција на поголема апсорпција на средства и подобрување на пристапот на земјава кон нивно користење“ изјави министерот за финансии Драган Тевдовски на неодамнешната прес-конференција посветена на извештајот за искористување на ИПА – фондовите. Меѓу проектите што се започнати, а до денешен ден не се завршени, се изградбата на граничниот премин Белановце – Станчич, пречистителната станица во Прилеп и системот за интероперабилност во МВР и МНР.

 

Пругата Битола – Кременица требаше да биде пуштена во употреба на 30 јули 2016 година. Група на подизведувачи од Битола уште минатото лето си ги побараа неисплатените средства од фирмата „Понстрој инженеринг“, која беше една од двата члена на бугарскиот конзорциум избран за изведба на железничката траса. Еден месец подоцна, „Водстрој 98“, во својство на втора компанија од конзорциумот, најави дека самата ќе ја доврши изградбата на пругата. Министерството за транспорт и врски лани го раскина договорот со избраниот бугарски конзорциум, по што распиша нов тендер за избор на изведувач на работите. Проектот финансиран од ЕУ е вреден 19,9 милиони евра, а неговата реализација ќе означува железничко поврзување на Пелагонискиот регион со Солун.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk