Министерството за транспорт и врски бара купувач за неизградено државно градежно земјиште во општина Делчево, предвидено за изградба на хотел во туристичкиот локалитет Голак. Парцелата е со вкупна површина од 2.420 метри квадратни, а урбанистичкиот план налага максимална површина за градење од 1.001 метар квадратен, максимално дозволена висина до венец од 14,6 метри и коефициент на искористеност од 1,24. Земјиштето ќе се продава на јавно наддавање кое ќе се одржи на 29.05.2010, а пријавите за учество ќе се примаат до 20.05.2010. Почетната цена за квадрат е утврдена на 3.200 денари.
Министерството исто така објави оглас за продажба на неизградено државно градежно земјиште наменето за хотелски комплекс во Кратово. Деталниот урбанистички план предвидува изградба на објект со приземје и три спрата, висок 13,6 метри. Парцелата е со големина од 1.657 метри квадратни, додека површината за градба изнесува 887 метри квадратни. Пријавувањето на заинтересираните ќе трае до 19.05.2010, а наддавањето е закажано на 27.05.2010. Почетната цена за квадрат е исто така 3.200 денари.