Претходна статија
Уште 12 згради во строгиот центар на Скопје ќе добијат нови фасади
Следна статија
„Чебрен“ и „Галиште“ повторно се нудат на странски инвеститори

Државата продава локации за изградба на винарии

Објавено на 09.11.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Во општините Росоман и Дебарца во иднина е планирано да се изградат нови винарски визби. Министерството за транспорт и врски деновиве на заинтересираните инвеститори им понуди 17 градежни парцели за подигање на фабрички погони за производство на вино со компатибилни класи на намена – стоваришта и мали комерцијални и деловни намени. Осум локации со вкупна површина од 18.094 метри квадратни се огласени на продажба во Росоман, додека во Дебарца ќе се отуѓат девет парцели со големина од 17.584 метри квадратни. Државата го нуди земјиштето по цена од 120 денари за метар квадратен, на кое компаниите ќе треба да изградат објекти со максимална висина од 12 метри. Електронското јавно наддавање за локациите ќе се одржи на 14 декември, а правните и физичките лица се должни да ги достават пријавите за учество најдоцна до 10 декември.

 

Интересот за изградба на винарии на државно земјиште во околината на овие населени места досега беше незначителен. Надлежното министерство и во текот на минатата година се обиде да ги продаде истите локации во општина Росоман, но тогаш не се јави ниту еден инвеститор за нив. Најповолниот понудувач на електронската лицитација е обврзан да обезбеди одобрение за градење на објектот во рок од девет месеци од склучувањето на купопродажниот договор, додека планираната винарија треба да ја изгради во рок не подолг од шест години од денот на добивањето на градежната дозвола.