Откупни центри за земјоделски производи и индустриски објекти ќе се градат во Пехчево и Кривогаштани. Министерството за транспорт и врски публикуваше два огласи за продажба на градежно земјиште во овие општини. Во Пехчево се нудат 5 парцели во месноста Подуево, кои се со површина од 891 до 5.973 метри квадратни и почетна цена од 61 денар за метар квадратен. Заинтересираните субјекти треба да ги достават своите пријави најдоцна до 26 ноември, а продажбата ќе се врши преку електронско јавно наддавање кое е закажано на 3 декември.
Во општина Кривогаштани се продаваат осум градежни парцели со површина помеѓу 1.497 и 3.664 метри квадратни, за изградба на објекти од лесната и незагадувачка индустрија, сервиси или стоваришта, со компатибилна класа на намена Б1 до 30%. Почетната цена на понуденото земјиште е 61 денар за метар квадратен. Компаниите што имаат интерес за овие парцели ќе треба да се пријават за учество на електронската лицитација најдоцна до 4 декември, а истата ќе се одржи на 11 декември.