Претходна статија
По примерот на Енергетскиот пасош, потребно е воведување и на Акустичен пасош за објектите
Следна статија
Лицитација на земјиште за изградба на винарии

Државата продава 19,5 хектари за туристичка развојна зона во Дојран

Објавено на 14.12.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

извор: Општина ДојранМинистерството за транспорт и врски објави оглас за продажба на државно градежно земјиште во месноста Карач кај Стар Дојран, за изградба на туристичка развојна зона. Парцелата има површина од 19,5 хектари со дозволена можност за изграденост од 50 отсто и максимална висина на објектите до 25 метри. На потенцијалниот инвеститор му е оставена слобода да одлучи што ќе гради во зоната. Продажбата ќе се реализира преку јавно наддавање, а почетната цена ќе биде 61 денар за метар квадратен. Апликациите ќе може да се доставуваат до 14 јануари 2014 година, при што треба да се уплати и депозит од 1,5 милион денари. Доколку има заинтересирани јавното наддавање ќе се одржи на 20 јануари 2014 година.

 

Најповолниот понудувач ќе мора да достави банкарска гаранција за сериозност на понудата во износ од три милиони евра. Исто така, од него се бара да има годишен обрт на капитал од најмалку пет милиони евра во фискалната 2012 година. Услов е и правното лице кое ќе ја добие зоната да мора да вработи најмалку 150 лица и да ги задржи минимум три години од моментот кога ќе ги изгради објектите. Идниот инвеститор ќе биде ослободен од плаќање персонален данок на доход по основ на плати на вработените лица за период од 10 години од кога ќе започне да функционира зоната.

 

Покрај тоа, во периодот од издавањето на дозволата за градење се до издавање на одобрението за употреба, градбата ќе биде ослободена од плаќање на ДДВ за градежните материјали, а воедно инвеститорот ќе биде ослободен и од плаќање царина за увоз на градежни материјали. „Законот дава и можност Владата да им додели субвенции на корисниците на зоната за почетно инвестирање во материјални и нематеријални средства кои се потребни за преземање на франшиза за ланец на хотели и отворање на работни места“, рече на денешната прес конференција, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

 

Во Дојран се планира изградба на уште една туристичка развојна зона на површина од 11 хектари, и уште осум ширум Македонија, од кои три кај Охрид – Љубаништа 1,2 и 3, и по една во Калишта крај Струга, Попова Шапка, Кожуф, Отешево и Стење.