Претходна статија
Зданијата на Модерната во Скопје изумираат како диносауруси
Следна статија
Ќе се реконструира „Школка“ во скопскиот Градски парк

Државата не знае кога ќе го гради експресниот пат Тетово-Јажинце

Објавено на 03.12.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Веста за тешка сообраќајна несреќа на патот Тетово – Јажинце не е новост за граѓаните од Полошкиот регион, туку информацијата кој е загинат или колку лица се повредени. Благодарејќи на десетиците сообраќајни несреќи што се случуваат во текот на годинава, овој регионален пат е една од најопасните црни точки на македонските патишта. Самиот пат е изграден од Југословенската народна армија за своите потреби пред неколку децении, а последен пат е реконструиран во 2014 година. Покрај проблематична ширина на патниот правец, причини за постојаните сообраќајни несреќи се неприлагодената брзина на возачите, но и фактот што патниот правец влегува во бројни населени места.

 

 

Граѓаните од Полошкиот регион со години наназад бараат изградба на експресен пат кон границата со Косово, којшто би значел и изведба на целосно нова траса надвор од населените места. Сепак, во владината програма не е наведена оваа инвестиција како приоритет за реализација. „Билд“ во два наврати деновиве побара подетални информации за тоа дали се работи на проектирање на нов експресен пат Тетово – Јажинце, но притоа не доби одговор од надлежните власти.

 

Актуелните податоци од Нацрт – Национална стратегија за транспорт 2018 – 2030 година покажуваат дека по регионалниот пат Тетово – Јажинце сообраќаат по 8.121 возило дневно, и тоа според мерењата на просечниот годишен дневен сообраќај од 2015 година објавени во овој документ. Ваквите алармантни податоци означуваат дека на овој патен правец минуваат повеќе возила и во споредба со половина од трасата на автопатот Табановце – Гевгелија долж Коридорот 10. И покрај ова, сообраќајот од Тетово кон граничниот премин со Косово е насочен директно на булеварот „Благоја Тоска“, со што се создава голем сообраќаен метеж во самиот град.

 

За потребите на македонската стратегија за транспорт, сообраќајните инженери извршиле анализа на соодносот меѓу обемот и капацитетот на патиштата, при што утврдиле дека најголема оптовареност постои токму на постојниот патен правец Тетово – Јажинце. Документот објавен на веб – страницата на Министерството за транспорт и врски укажува на фактот дека во 2025 година бројката на возила што во просек ќе се движат на поедини сегменти од овој патен правец ќе биде еднаква на капацитетот на возила што може да ги прими самиот пат. Според ваквите истражувања, токму надградбата на овој патен правец би требало да постане приоритет за македонската влада и Јавното претпријатие за државни патишта.

 

Наместо дејствување, надлежните институции засега молчат на оваа тема, а граѓаните долж трасата самоиницијативно поставуваат лежечки полицајци за да се заштитат од напливот на возила. Со последната реконструкција на регионалниот пат Тетово – Јажинце единствено се постави нов асфалт на 16,5 од вкупно 28 – те километри на оваа траса. Најави за изградба на нов пат нема ниту во ветувањата на политичарите.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk