Министерството за транспорт и врски денеска потпиша договор со компанијата „Еуроинг“ од Гевгелија за набавка на монтажни пристаништа, кои ќе бидат поставени долж крајбрежјата на Охридското, Преспанското, Дојранското и на Мавровското езеро. Финансиската конструкција на проектот изнесува 10.608.200 денари, а избраната фирма има рок од два месеци за да ги изработи замислените понтони. Ако проектот се одвива со предвидената динамика, тогаш пристаништата би можеле да бидат поставени пред овогодинешната летна сезона. Во акциониот план на владата изработен пред една година, нагласено е дека на Охридското езеро ќе се постават пет монтажни пристаништа, четири на плажите „Љубаништа“, „Магнус“, „Куба Либре“ и „Немо“ во Охрид и едно на градската плажа во Струга.
На Преспанското и на Охридското езеро е планирано да се постават по два вакви понтона, додека на Мавровското езеро ќе биде изведено едно монтажно пристаниште. Промовирањето на туристичките центри во земјава и подобрувањето на условите за внатрешна пловидба се главните причини за реализација на овој проект. Просечната должина на овие пристаништа се очекува да изнесува од 10 до 12,5 метри, а истите е предвидено да бидат широки од 2,4 до 4 метри. На нив ќе има можност да се инсталира осветлување, гумени одбојници за бродовите и скали за пристап до пловилата, а исто така би можело да се постави и пумпа за точење гориво.