Претходна статија
Три детски едукативни инсталации ќе се постават во скопските паркови
Следна статија
Предавање на професорот Јацек Пурхла за културното наследство во Музејот на современа уметност

Државата ќе инвестира во водовод и канализација во руралните средини

Објавено на 25.09.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

 

Министерството за транспорт и врски во наредните четири години ќе ја подобрува покриеноста на руралните средини со водоводна и канализациона мрежа. Министерот Горан Сугарески на денешната прес-конференција изјави дека само 18% од руралните општини во земјава имаат водовод и канализација, а со проектот оваа бројка за четири години ќе се зголеми на 40%. Станува збор за инвестициски циклус во вредност од 20 милиони евра, што е предвидено да се спроведе низ 20 општини во земјава. „Сакам да потенцирам дека проектите од овој нов инвестициски циклус на Министерството за транспорт и врски ќе се реализираат во соработка со Европската инвестициска банка, КфВ банката и со Секретаријатот за економски прашања од Швајцарија“ рече Сугарески.

 

 

Во соработка со Европската инвестициска банка, надлежното министерство ќе реализира 18 проекти во вредност од 7,4 милиони евра. Меѓу поголемите проекти се изградбата на цевковод за подобрување на водоснабдувањето во Гостивар, инсталирање на нови водомери во Куманово и изградба на пречистителна станица за вода за пиење во Липково. Со овие финансиски средства ќе се реализираат инфраструктурни зафати во општините Прилеп, Струга, Велес, Крива Паланка, Долнени, Неготино, Битола, Виница, Ресен, Студеничани, Старо Нагоричане и Желино.

 

Германската КфВ банка обезбеди 8 милиони евра што ќе се инвестираат во подобрување на водоснабдувањето во општините Кавадарци, Радовиш и Гевгелија. Во Гостивар ќе бидат вложени 4 милиони евра за подобрување на водоснабдувањето, што се обезбедени преку грант од Секретаријатот за економски прашања од Швајцарија. Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска информираше дека остануваат на располагање уште 19 милиони евра преку Европската инвестициска банка за реализација на инфраструктурни проекти. Тој ги повика македонските општини да ги искористат достапните средства на располање по пат на апликација со свои проекти до Министерството за транспорт и врски.