Претходна статија
Битола ќе се советува околу изградбата на фудбалскиот стадион
Следна статија
Општина Аеродром останува најатрактивна за градење станови

Државата ќе гради плажи во Охрид, општината ќе управува со нив

Објавено на 26.09.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Од државниот буџет во наредните неколку години ќе се издвојат финансиски средства и за уредување на охридските плажи. Охридскиот градоначалник Никола Бакрачески информираше дека долж крајбрежјето на езерото ќе се градат пет нови плажи, и тоа на локации кои во моментов се познати меѓу туристите како омилени места за одмор. Една од плажите ќе се гради кај Љубаништа, а друга кај Лагадин во должина од 500 метри. „Една од тие модерни плажи ќе биде лоцирана помеѓу каналот Студенчишта и хотелот „Парк“ во должина од 700 метри. Современо уредена плажа ќе има и кај месноста Даљан односно кај актуелниот извиднички центар. Петтата уредена плажа ќе се наоѓа на територијата на општина Дебарца односно ќе се гради кај месноста Подмоље“, објасни градоначалникот Бакрачески.

 

*Изгледот на планираната плажа кај Подмоље, во близина на Охридскиот аеродром

 

 

Овие податоци се обелоденуваат по неодамнешната средба на првиот човек на Охрид со претставници од Министерството за транспорт и врски и од Капетанијата. Проектот за уредување на охридските плажи ќе започне наредната година, кога ќе се објави тендер за изведба на некои од нив. Најголемиот дел од плажите ќе бидат завршени до 2017 година. За една од најавените плажи кај Подмоље веќе е избрано и идејното решение. Со јавниот простор ќе управува општина Охрид, која дел од комерцијалните објекти ќе ги дава под наем.