Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска оствари работна посета на Ресен, каде што со градоначалникот Живко Гошаревски информираа за тековните инфраструктурни проекти што ги реализира државата за овој град. Министерот Сугарески информираше дека во тек е постапка за изработка на проект за изградба на обиколница во Ресен, како едно од најголемите барања на локалната самоуправа во делот на инфраструктурата.
*Извор на фотографија: Министерство за транспорт и врски
До средината на август треба да заврши постапката, по што веднаш ќе се пристапи со изработка на проектната документација за обиколница на државниот пат Битола – Ресен – Охрид. Распишаниот тендер е за подготовка на целосна документација – идеен проект, проект за инфраструктура и основен проект, чија вредност е проценето дека ќе чини околу 23,5 милиони денари. Главната цел на идната обиколница во Ресен е да се растерети градот од товарни возила.
Заедно со градоначалникот Гошаревски, министерот Сугарески изврши увид во изведбата на втората фаза од реконструкцијата на водоводот во Ресен. Оваа фаза чини над 8,7 милиони денари и со неа ќе се обноват водоводните цевки на четири улици во градот. Со двете завршени фази ќе бидат обновени вкупно 5,5 километри водоводна мрежа во Ресен. Општина Ресен планира да аплицира за третата фаза од докомплетирањето на овој проект, со која ќе се затвори во целост реконструкцијата на старата водоводна мрежа во градот. Вкупната инвестиција во сите три фази изнесува 36 милиони денари.