Претходна статија
Споменикот на Карев поставен на постаментот пред Собранието
Следна статија
Профункционира откупниот центар на Агрокор во Струмица

Државата им го префрли градежното земјиште на осум општини

Објавено на 30.09.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Илинден, Берово, Кочани, Штип, Пробиштип, Гевгелија, Битола и Демир Капија се осумте општини кои од денес ќе може да управуваат со државното градежно неизградено земјиште на нивна територија. Според Министерството за транспорт и врски, овие општини ги исполниле условите за донесување Програма за работа од областа на управувањето со градежно земјиште, воведување на електронски систем за јавно наддавање, обезбедување на доволен број лиценцирани општински службеници и формирање комисија која ќе ја спроведува постапката за јавно наддавање. Почетната цена за јавните наддавања е утврдена со ценовник, но ако има потреба од намалување или зголемување на вредноста на земјиштето, Советот на општината ќе треба да достави предлог до Владата, која ќе ја донесе крајната одлука за евентуалната промена.

 

Засега не е познато зошто општина Карпош не е вклучена во денешното префрлање на државното градежно неизградено земјиште. Оваа општина заедно со општините Берово и Гевгелија беа првите кои излегоа со информации во медиумите и на општинските веб – страници дека се подготвени за менаџирање со градежното земјиште во државна сопственост. Во изјава за весникот „Утрински весник“ од 29 јуни градоначалникот на Карпош, Стевче Јакимовски потенцираше дека таа општина ги има исполнето сите услови за префрлање на земјиштето и очекува да биде првата општина што ќе го добие градежното неизградено земјиште од државата.

 

Префрлувањето на државното градежно земјиште требаше да отпочне на 1 јули, но целокупниот процес доцни веќе 3 месеци поради фактот што најголемиот дел од општините сеуште не ги исполниле потребните критериуми за започнување на процесот. Според информациите од министерството, во моментов 63 општини го исполниле првиот услов за префрлање на државното неизградено земјиште, па така 323 службеници веќе добиле лиценца по спроведените обуки и испитувања. Се очекува најголеми проблеми и понатаму да има кај помалку развиените општини, бидејќи локалните самоуправи од овие општини немаат капацитет да го спроведат процесот.

 

 

Бојан Блажевски