Министерството за економија распиша оглас за избор на приватен концесионер за менаџирање и стопанисување со комплексот „Македонско село“, кое се гради во близина на манастирот „Св. Пантелејмон“ во Горно Нерези. Во соработка со заинтересираните субјекти ќе се конципираат моделите и можностите за издавање под концесија на овој комплекс. Во публикуваниот оглас е наведено дека во етно селото би се вршела хотелиерска, угостителска, туристичка и занаетчиска дејност, продажба на сувенири, како и производство на храна. Заинтересираните компании треба да ги достават своите понуди со план и концепт за управување со комплексот најдоцна до 10 октомври.
Одлуката за давање под концесија на етно селото кај Нерези доаѓа по значајното вложување што го направи државата во овој проект. За негово завршување досега се потрошени 295 милиони денари или околу 4,8 милиони евра, а последниот тендер за ентериерно уредување на објектите е склучен во мај годинава со компанијата „Бауер БГ“ од Скопје. Етно селото се гради повеќе од две години, а во рамките на просторот веќе се комплетирани традиционалните куќи од велешко, прилепско, битолско, струшко, кратовско, делчевско, беровско, кумановско, тетовско, Река, Галичник и Скопска Црна Гора, заедно со планираниот традиционален ан, воденица, фурна, валалница, трло, штала и други содржини.
Градежните работи ги изведе компанија „АК Инвест“ од Тетово, надзорот го вршеше „Евро консалтинг“ од Скопје, додека проектот го изработи „Боград“ од Струга.