Градежниот факултет од Скопје денеска беше домаќин на свеченоста одржана по повод одбележувањето на 45 – годишнината од основањето на Друштвото за патишта. Настанот го одбележа пригодниот говор на претседателот на Друштвото, Горан Мановски, додека обраќања одржаа деканот на Градежниот факултет Милорад Јовановски и македонскиот премиер Никола Груевски. Покрај одбележувањето на јубилејот, во рамките на настанот се одржа и меѓународното стручно советување на тема: „Автопатиштата, клуч за понатамошен економски развој на Република Македонија“, на кое поканетите учесници говореа за сите аспекти од изградбата на автопатиштата.
Друштвото за патишта е една од најстарите стручни асоцијации во Република Македонија, во која членуваат градежните инженери задолжени за изградба на патната инфраструктура. Асоцијацијата е основана кон крајот на 1967 и почетокот на 1968 година. Прв претседател на друштвото бил дипломираниот градежен инженер Младен Николовски. Во изминатите децении се изградени неколку илјадници километри локални и регионални патишта, но и автопатишта што ја поврзуваат целата земја. Неодминлив придонес во развојот на Друштвото за патишта има и Градежниот факултет од Скопје, високообразовна институција од која произлегоа огромното мнозинство на градежни инженери од Македонија.
На присутните гости на настанот им се обрати и премиерот Никола Груевски, кој меѓу останатото говореше за остварените резултати во изградбата на патната инфраструктура во изминатите неколку години, но истовремено даде и ветување за дополнително инвестирање на над 1 милијарда евра за развој на патната мрежа во периодот од 2014 до 2018 година.