Се помрдна од мртва точка реализацијата на проектот за доградба на објектот „Југобанка“. Министерството за финансии потпиша договор со скопската компанија „ЛСГ Билдинг Солушнс“ за изведба на градежно занаетчиски и инсталатерски работи и за внатрешно и надворешно уредување на зградата која ќе биде идното седиште на ова министерство. Финансиската конструкција за предвиденото неокласицистичко здание со површина од 14.000 метри квадратни изнесува 952.260.000 денари или околу 15,5 милиони евра. Договорот е потпишан на крајот од мај, а изведувачот има обврска да ги реализира севкупните активности за ставање во функција на објектот во период од 16 месеци. Во тендерската постапка учествуваа две градежни компании. Стручниот надзор и контролата на работите ќе ги врши Заводот за испитување на материјали и развој на нови технологии од Скопје, за чии услуги од државниот буџет ќе се одлеат 5.664.000 денари.
Проектната документација за идниот административен објект на Министерството за финансии ја изработи „Неимар инженеринг“ од Скопје. Изградбата на 11-катниот објект требаше да заврши во првиот квартал од 2012 година, но изведбените активности се одложија поради раскинувањето на првичниот договор со словенечката компанија „Енергоплан“, која не успеа да го заврши проектот во предвидениот рок. Покрај министерството, во некогашниот објект на „Југобанка“ ќе бидат сместени Управата за имотно – правни работи, Државниот девизен инспекторат и Бирото за јавни набавки.