Реализацијата на проектот за изградба на студентски дом за лицата коишто се запишани на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип доцни речиси две години. Идејата за изградба на објектот по пат на јавно – приватно партнерство не успеа во текот на 2011 година, така што раководството на високошколската установа ја презеде обврската за подготовка на неопходната документација за целиот проект. Огласот за изготвување на идеен проект беше публикуван во ноември минатата година, а денес Универзитетот „Гоце Делчев“ го објави и повикот за избор на архитектонско биро кое ќе го изработи основниот проект за студентскиот дом со планирана површина од 12.231 метри квадратни во населбата „Сењак“.
Најповолниот понудувач треба да ги испорача потребните архитектонски услуги во рок од 12 месеци, поточно најдоцна до првата половина од 2014 година. Субјектите коишто се заинтересирани да учествуваат на јавниот оглас треба да достават понуда најдоцна до 9 мај. Покрај универзитетот со сопствени средства, во финансирањето на проектот ќе се вклучи и државата преку Министерството за образование и наука.