Реализацијата на железничкото поврзување на нашата земја со Бугарија се соочува со нови проблеми. Покрај тоа што доцнат градежните работи на првата фаза од железничкиот Коридор 8, во моментов доцни и објавувањето на двата тендера за изградба на пругата од селото Бељаковце до Крива Паланка во должина од 35 километри. Публикувањето на огласите за пронаоѓање на компанија што ќе ги изведува работите и на фирма што ќе го врши надзорот на градежните активности е одложено за првата половина од 2016 година. За овој исклучително важен инфраструктурен проект беше подигнат заем од Европската банка за обнова и развој во висина од 145 милиони евра.
Најновите информации од Европската банка за обнова и развој доаѓаат речиси една година по соопштувањето на податокот дека оваа финансиска институција е подготвена да и одобри на Република Македонија кредит за изградба на пругата Бељаковце – Крива Паланка. Македонското собрание кон крајот на минатата година го одобри кредитното задолжување на земјава, со најава дека железничката врска ќе почне да се гради во текот на оваа година. „Очекуваме врз основа на потпишувањето на договорот и направените подготвителни работи некаде после летото 2015 година, значи за осум до девет месеци да почне изградбата на втората фаза“, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во декември 2014 година.
Пругата од Бељаковце до Крива Паланка е со должина од 35 километри низ сложен ридско – планински предел со 14 тунели, 11 мостови, две железнички станици, надвозници, подвозници, а во проектот е планирана и реконструкција на 33 мостови што беа изградени на почетокот од 90-те години на минатиот век.
» Форумска дискусија за железничкиот Коридор 8
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk