Министерството за култура на средината на април потпишало нов договор за довршување на идниот објект на Археолошкиот музеј. Градежната компанија „Бетон“ од Штип ќе ги изведува градежно – занаетчиските работи со ентериерна обработка на музејската поставка во зданието лоцирано во центарот на Скопје. Вредноста на потпишаниот договор изнесува 497.683.492 денари, односно околу 8,1 милиони евра. Заедно со досега потрошените средства, изградбата на овој објект од проектот „Скопје 2014“ достигна 16.253.277 евра одвоени од буџетот на ова министерство. Пред еден месец е склучен договор и со Градежниот институт Македонија, кој за 5.048.040 денари треба да го реализира стручниот надзор на планираните изведбени активности. Предвидено е зафатот за довршување на Археолошкиот музеј да се одвива во период од осум месеци, а македонската јавност може да го очекува неговото свечено отворање кон крајот на годинава.
Музејската установа во која ќе бидат поставени најзначајните артефакти од археолошките наоѓалишта во земјава ќе биде сместена во ист објект заедно со Уставниот суд и Архивот на Македонија. Изградбата на објектот започна кон крајот на март 2009 година, а првичните проценки беа дека тој ќе чини 1,5 милијарди денари. Зданието со приземје, седум ката и поткровје е зацртано да се простира на вкупна површина од 13.510 метри квадратни, при што еден негов дел е наменет за Археолошкиот музеј. На денот на поставувањето на камен – темелникот на објектот беше најавено дека истиот ќе се реализира до јули 2011 година.