Претходна статија
Само „Виз ер“ заинтересиран за новите субвенции за нискобуџетни компании
Следна статија
Со нова велосипедска патека и со субвенции ќе се развива велосипедизмот во Чаир

ДОНИРАНИТЕ ОБЈЕКТИ ЗА СКОПЈЕ ПО ЗЕМЈОТРЕСОТ: ТБЦ – Козле подарок од Норвешка и Шведска

Објавено на 28.07.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Институтот за белодробни заболувања кај децата во скопската населба Козле е дониран објект од Норвешка и Шведска по катастрофалниот земјотрес од 1963 година. Популарно наречената Детска болница „Козле“ е изградена со заеднички сили на норвешката влада и невладините организации на Црвениот крст, „Спасете ги децата“ и „Народна помош“ од Шведска. Одлуката на Норвешкиот Парламент да ја финансира изградбата на ова здание со 2.000.000 норвешки круни е донесена на 23 март 1964 година.

 

*Извештај на весникот „Нова Македонија“ за свеченото пуштање во употреба на ТБЦ – Козле

 

Во книгата „Скопје – град на солидарноста“ се истакнува дека договорот за изградба на ТБЦ – Козле бил потпишан на 18 август 1964 година. Покрај во издигнувањето на монтажниот објект, Владата на Норвешка ја донирала и неопходната медицинска опрема за работа на оваа здравствена установа. Детската болница во Козле се состоела од два павиљони со капацитет од 215 кревети. Норвешкиот павиљон имал можност да прими 99 деца, додека во шведскиот можеле да се сместат 116 деца. Во склоп на болницата се наоѓало основно училиште, во кое болните деца можеле непречено да следат школска настава. Во некогашното монтажно здание на Детската болница имало и забна амбуланта за деца.

 

Детската болница во Козле била единствената здравствена установа од таков вид на територијата на Македонија, додека во неа се лекувале и деца од соседната покраина Косово. По повод одбележувањето на Денот на востанието на македонскиот народ, на 11 октомври 1965 година била свечено пуштена во употреба донираната зграда за ТБЦ – Козле. На настанот присуствувале високи политички и општествени работници од Македонија, како и претставници на Норвешка и на шведските невладини организации.

 

Како израз на благодарност за севкупната норвешка помош испратена по скопскиот земјотрес од 1963 година, Градот Скопје се одлучил да го прогласи норвешкиот крал Олаф V за почесен граѓанин на Скопје. На свеченоста организирана во Градското собрание на 7 септември 1966 година бил присутен лично кралот Олаф V, којшто при својата посета на Скопје извршил и увид во изградената норвешко – шведска болница во Козле.

 

 

По неколкудецениско користење, донираното монтажно здание од Норвешка и Шведска е срушено пред неколку години за да се изгради нов објект за Институтот за белодробни заболувања кај децата „Козле“. Новото здание на површина од 6.700 метри квадратни беше свечено пуштено во употреба на 13 декември 2015 година. Новиот проект од 7 милиони евра обезбеди дневна болница за децата, центар за цистична фиброза и сместувачки капацитет од 210 кревети. По рушењето на некогашното монтажно здание, единствено сеќавање за норвешко – шведската донација е зачуваниот архивски материјал што говори за солидарноста на овие две скандинавски земји кон жителите на Скопје.

 

*Норвешкиот крал Олаф V на 7 септември 1966 година бил прогласен за почесен граѓанин на Скопје

 

 

Текст, фотографии и обработка на архива: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk