Во долгиот список на донирани објекти од странските земји за жителите на постземјотресно Скопје може да се најде една мошне значајна градба. Скопското средно училиште „Георги Димитров“ во населбата Тафталиџе е донација од народот и владата на НР Бугарија. Станува збор за еден од поголемите подарени објекти од странските земји по скопскиот земјотрес од 1963 година, којшто се изградил на градежно земјиште со површина од 13.527 метри квадратни. Просториите на новата скопска гимназија се протегале на 3.727 метри квадратни.
*Извештај на весникот „Нова Македонија“ од 4 јули 1965 година
Во публикацијата „Скопје – град на солидарноста“ се напоменува дека овој објект е свечено пуштен во употреба на 3 јули 1965 година од страна на бугарскиот помошник министер за просвета Менчо Чернев, бугарскиот помошник министер за градежништво Марин Радулов, бугарскиот амбасадор во Југославија Груди Атанасов, потпретседателот на Извршниот совет на СР Македонија Асен Симитчиев и претседателот на Градското собрание на Скопје Благој Попов.
Во објавените извештаи на весникот „Нова Македонија“ се посочува дека новоизградениот објект имал 12 училишни простории, кабинет по физика, лабораторија и трезор, кабинет по биологија, кабинет по цртање, две простории по електротехника, простории за амбуланта, читална со библиотека, фискултурна сала и други простории. Новата скопска гимназија „Георги Димитров“ била проектирана од бугарскиот архитект Кирил Григоров Георгиев, се наведува во книгата „Градителите во Македонија XVIII – XX век“ на архитект Георги Константиновски.
Историските документи покажуваат дека една од првите објекти од цврста градба завршени по скопскиот земјотрес е токму гимназијата „Георги Димитров“. Ова здание било изведено во рекордно брз рок од страна на НР Бугарија, а од особено значење е и фактот што станува збор за зграда со импозантна квадратура. Македонските раководители за време на пуштањето во употреба на ова здание напоменале дека тоа ќе прерасне во симбол на меѓународната и на човечката солидарност на соседниот бугарски народ и на бугарската влада.
Како благодарност за донираниот објект од соседна Бугарија, скопските власти се одлучиле ова средно училиште да го носи името на Георги Димитров, бугарски револуционер и водач на НР Бугарија по Втората светска војна. Објектот на гимназијата „Георги Димитров“ со својот капацитет да прими 1.229 ученици во 39 паралелки и денеска претставува едно од најголемите средни училишта на територијата на македонскиот главен град. Покрај гимназиско образование, учениците во ова средно школо можат да се стекнат со стручно образование за техничар за мебел и ентериер, техничар за пејзажна архитектура, столар, резбар и тапетар – декоратер.
*Весникот „Нова Македонија“ на насловната страница известил за свеченото пуштање во употреба на гимназијата „Георги Димитров“
Текст, фотографии и обработка на архива: Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk