Еден од малку познатите факти за постземјотресната обнова на Скопје е дека сегашната зграда во која што е сместен Младинскиот културен центар (МКЦ) е изградена со заеднички средства на Градот Скопје, Советскиот Сојуз и Алжир. Во рамките на меѓународната солидарност за жителите на Скопје, владите и народите на овие две земји одвоиле дел од неопходните средства за изградба на објектот крај Кејот на реката Вардар. За отворање на Домот на младите „25 Мај“ биле издвоени околу 15 милиони динари. Проектот за изградба на ова културно здание бил изработен од „Македонијапроект“.
*Весникот „Нова Македонија“ за отворањето на Младинскиот културен центар во 1972 година
Весникот „Нова Македонија“ детално известувал за текот на изградбата на овој дониран објект од Алжир и СССР. Објектот на Младинскиот културен центар во Скопје е пуштен во употреба на 6 декември 1972 година, при што терминот за оваа свеченост бил определен по повод започнувањето на Третата конференција на Сојузот на комунистите на Југославија, која расправала за проблемите на младите во тогашното општество. Донацијата при изградбата на ова културно здание се потврдува и во публикацијата „Скопје – град на солидарноста“ објавена во 1975 година.
*Книгата „Скопје – град на солидарноста“ за пуштањето во употреба на Домот на Младите „25 Мај“
На свеченото отворање на објектот во 1972 година присуствувале бројни претставници од културниот и од политичкиот живот во земјата, при што главниот збор на свеченоста го имал Крсте Марковски, претседател на Републичкиот одбор при Собранието на СРМ. На организираната приредба при пуштањето во употреба на објектот учествувале КУД „Кочо Рацин“, хоровите од гимназиите „Јосип Броз Тито“ и „Раде Јовчевски – Корчагин“, балетот при балетското училиште и членовите на извидничкиот одред „Методи Митевски – Брицо“.
Зградата на Младинскиот културен центар била изградена на градежна парцела со површина од 7.076 метри квадратни. Објектот со подрум, приземје и два ката се простирал на вкупно 6.402 метри квадратни. Низ текот на годините се менувале намените на одделни простории од објектот на МКЦ, но најголемо внимание за време на неговото пуштање во употреба предизвикал планетариумот. За младите од далечната 1972 година тој претставувал посебно доживување, којшто им следувал како комбинација од теоретска настава по астрономија со практично запознавање со небеските тела.
Планетариумот до денешен ден побудува интерес кај посетителите на Младинскиот културен центар. Многу од останатите простории на објектот се преадаптирани со текот на времето, па така МКЦ денес има можности да организира проекции на филмови, театарски претстави, концерти, изложби, спортски активности, промоција на книги, одржување на обуки и предавања и многу други настани од најразличен вид. Домот на младите „25 Мај“ е преименуван во Младински културен центар на почетокот од 90 – тите години на минатиот век.
Реконструкцијата на целокупниот објект на МКЦ започна во февруари 2011 година и за неа се издвоија над 50 милиони денари. Санациониот зафат на целокупниот објект се одвиваше во неколку фази, со што постепено се пуштаа во употреба одделни простории од самиот објект. Финансиските средства за неопходната санација беа обезбедени од Градот Скопје и од Европската Унија. Самата зграда денеска го има видоизменето својот првичен надворешен лик, но она што останува забележливо е фактот дека се губи сеќавањето за учеството на странските донатори при изградбата на овој објект во постземјотресниот период.
*Пуштањето во употреба на Младинскиот дом „25 Мај“ на насловната страница на весникот „Нова Македонија“
Текст, фотографии и обработка на архива: Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk