Претходна статија
Наскоро ќе започне рехабилитацијата на патот за Пониква
Следна статија
„Адинг“ со раст на добивката од над 60% во првите шест месеци

ДОНИРАНИТЕ ОБЈЕКТИ ЗА СКОПЈЕ ПО ЗЕМЈОТРЕСОТ: Гинекологија „Чаир“ подарок од Чехословачка

Објавено на 16.08.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Најзначајниот објект што го донирала Чехословачка по скопскиот земјотрес од 1963 година е Гинеколошкиот – родилен дом во Скопје. На местото на ова здание во скопската населба Чаир е изграден постојниот објект на Специјалната болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“. Здравственото здание било свечено пуштено во употреба на 23 мај 1965 година. По повеќе од 53 години од овој настан, многу малку скопјани знаат дека овој објект бил подарок од чехословачките синдикати за жителите на постземјотресно Скопје.

 

*Весникот „Нова Македонија“ со свој извештај за пуштањето во употреба на Гинекологија „Чаир“

 

Целокупната идеја за изградба на Гинеколошкиот – родилен дом во Чаир се родила за време на посетата на претставници на чехословачките синдикати на разрушеното Скопје. Како што се наведува во книгата „Скопје – град на солидарноста“, на 8 мај 1964 година во македонскиот главен град пристигнале Бохуслав Траган, Рудолф Краускоп и Франтишек Дворжак од Синдикатите на Чехословачката Социјалистичка Република. Тие предложиле од собраниот придонес на чехословачките работници да се изгради првичниот објект на гинекологија „Чаир“ со површина од 2.000 метри квадратни и 70 легла за родилките.

 

По една година од почетокот на градежните активности, новата зграда на Гинеколошкиот – родилен дом во Чаир била подготвена за свечено пуштање во употреба. По тој повод во Скопје допатувал секретарот на Централниот совет на Синдикатите на ЧССР Вацлав Коукол. Во својот пригоден говор тој истакнал дека донираниот објект на чехословачките синдикати е еден од изразите на братското пријателство помеѓу двете земји. Делегацијата од Чехословачка била придружувана од Стане Маркиќ, Реис Шакири, Благоја Попов и други општествени и политички личности од Македонија.

 

Чехословачките синдикати на Скопје му подариле родилен дом со капацитет од 110 легла. Зданието изградено од железна конструкција можело да издржи земјотрес со интензитет и од над 10 степени. Тогашниот објект на Гинекологија „Чаир“ имал посебни простории за администрација, кујна, перална, просторија за сушење, одделение за прием на пациентки, сала за породување, операциона сала, просторија за стерилизација, просторија за прием на посети и други пропратни содржини. Целокупната медицинска опрема во ова здравствено здание била донирана од Чехословачка како помош на разурнатото Скопје.

 

На влезот на Гинеколошкиот – родилен дом во Чаир била поставена спомен – плоча како израз на благодарност на жителите на Скопје за меѓународната човечка солидарност што ја прикажале чехословачките синдикати и тамошниот народ. Во дворот на донираниот објект, Синдикатите на ЧССР подариле и спомен – биста на мајка со дете, на која било напишано „Чехословачките синдикати на трудбениците на град Скопје 1964 – 1965“.

Донираниот објект за постземјотресно Скопје замина во својата историја со изградбата на новата зграда на Специјалистичката болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“. Овој објект бил пуштен во употреба на 26 јуни 2013 година, но до денешен ден не се знае судбината на некогашните биста и плоча што ја одржувале во сеќавање искрената помош на работниците од Чешка и Словачка за жителите на македонскиот главен град.

 

*Весникот „Нова Македонија“ детално известувал за текот на изградбата на Гинеколошкиот – родилен дом во Чаир

 

 

Текст, фотографии и обработка на архива: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk