Претходна статија
Напредува изградбата на жичарницата на Водно
Следна статија
Ќе живне велешката индустриска зона „Речани 2“

Домашна фирма ќе гради хотел кај Горица

Објавено на 04.11.2010 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

„Каса градба“ е името на фирмата која ја купи веќе фамозната парцела кај локалитетот Горица на охридското крајбрежје, предвидена за изградба на хотел. Парцелата со големина од 15.878 метри квадратни беше предмет на бројни обиди да се привлече реномиран светски хотелски бренд, но неуспехот ја натера Владата да ги спушти поставените критериуми, како и да ја намали почетната цена на 1 евро за метар квадратен. „Каса градба“, која досега се  занимавала со проектирање и изградба и на станбени објекти, на завчерашното јавно наддавање понудила 1,5 евра за квадрат, односно 23.817 евра за целото земјиште. На наддавањето учествувала и фирмата „ГС Груп“. Површината за градење изнесува 6.667 метри квадратни, а максималната бруто развиена површина 29.343 метри квадратни. Минимум услови што треба да ги исполни хотелот кој ќе се изгради се условите содржани во Правилникот за категоризација на угостителските објекти кој е усогласен со стандардите на Европската Унија и во кој се дефинирани условите кои треба да ги исполнува хотел од прва категорија со пет ѕвездички.


„Каса градба“ треба да ги уплати парите за земјиштето во рок од 15 дена и да достави банкарска гаранција од 200 илјади евра. Одобрение за градба треба да биде обезбедено најдоцна за 9 месеци, а во општинската каса на Охрид се очекува да се слеат над 4 милиони евра на име на комуналии. Рокот за реализација на проектот е 6 години. Се најавува дека објектот ќе има форма на бран. Инаку, се шпекулираше дека оваа парцела претходно беше предмет на интересирање на „Хилтон“ и на „Соравија“.