Градежниот сектор во првите девет месеци од 2017 година не постигнал завидни резултати, ако се погледнат финансиските резултати, договорените и извршените градежни работи во земјава. До крајот на годинава нема да има промени на состојбата во градежниот сектор и негативниот тренд од претходниот период ќе биде задржан до крајот на годинава. Овие констатации беа искажани од Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметали при Стопанската комора на Македонија на денешната прес – конференција.
Градежниците констатираат дека последиците од долготрајната политичка криза во земјава почнале да се чувствуваат. Долготрајното предавање на власта, административните пречки во донесувањето одлуки и решенија, тешкото и нередовно исплаќање на сработеното и драстично намалениот обем на јавни набавки во градежништвото беа главните причинители на негативните придвижувања во градежниот сектор.
Сепак, од Здружението гледаат со оптимизам за наредниот период и можност за пораст во работењето ако се имаат во предвид зголемените договорени работи во периодот од деветте месеци од оваа година. Градежниците очекуваат подобрување на состојбата во нивниот сектор на почетокот од 2018 година, поаѓајќи од фактот што во изминатиов период се најавија нови инвестиции.