Претходна статија
Започна реализацијата на нова патна врска со Косово
Следна статија
Скопје се вклучи во проектот за електричен градски превоз

Документацијата за „Луково поле“ во финална фаза, Дебрани и понатаму се противат на изградбата

Објавено на 25.10.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Во завршна фаза е изработката на Студијата за оценка на влијанието врз животната средина и социјалните аспекти, а во тек е и изработката на идејниот и на основниот проект за изградба на акумулацијата „Луково поле“ во Националниот парк „Маврово“. И покрај забрзувањето на процесот на подготовка на неопходната документација, општина Дебар и понатаму се спротивставува на реализацијата на овој енергетски објект. Градоначалникот на Дебар, Ружди Лата на денешната средба со претставниците на Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) и на Светската банка истакна дека во проектот не се споменува ништо што е во интерес на градот. Тој смета дека дебарскиот регион ќе има големи штети од одземањето на дел од водата на реката Радика. Ваквиот став го поддржа и претседателот на Советот на општина Дебар, Башким Машкули, кој побара од Светската банка да не инвестира во проекти што се на штета на граѓаните.

 

#Наспроти нив, претставниците на ЕЛЕМ ги изложија предностите од изградбата на акумулацијата „Луково поле“. „Акумулацијата „Луково поле“ и „Корапскиот довод“ ќе обезбеди собирање вода од корапското сливно подрачје што ќе се користи за производство на дополнителни 125 гигават-часови електрична енергија на годишно ниво од постојните хидроелектрани во Мавровскиот систем („Вруток“, „Врбен“ и „Равен“)“, велат од ЕЛЕМ. Оттаму напоменуваат дека не постои опасност за животната средина, бидејќи проектот е во законски рамки и со него се запазени постојните еколошки стандарди. Главниот проект за изградба на енергетскиот објект е изработен во 1988 година и истиот во изминатиов период е надополнет и усовршен.

 

Локалната самоуправа од Дебар во октомври минатата година отворено се спротивстави на остварувањето на проектот „Луково поле“, тврдејќи дека тој негативно ќе влијае врз животната средина во целокупниот регион. Пред две години, Светската банка потврди дека ќе обезбеди финансиски средства во висина од 50 до 55 милиони евра за изградба на камено-насипната брана [»мапа] со висина од 71 метар. Како изработувач на проектната документација за „Луково поле“ се јавува шпанската консултантска куќа „Ациона Инхенериа“ (ACCIONA Ingeniería) во конзорциум со македонската „АБЦ Консалтинг“.