После многубројни најави во изминатите четири години, конечно е објавен меѓународен тендер за набавка на нови патнички гарнитури за потребите на државното претпријатие Македонски Железници – Транспорт. Претпријатието ќе се поднови со четири дизел – моторни и две електро – моторни гарнитури, секоја со капацитет за 200 патници. Според анализите на МЖ – Транспорт, со нив ќе се покријат 60% од моменталните линии. Се проценува дека вкупната цена на набавката ќе се движи околу 25 милиони евра, а средствата се обезбедени преку задолжување кај Европската банка за обнова и развој (EBRD).
Условите во јавниот повик објавен на интернет – страницата на EBRD предвидуваат новите патнички гарнитури да ги исполнуваат највисоките европски стандарди, како во поглед на техничките карактеристики, така и во поглед на задоволување на стандардите за квалитетен превоз на патниците. Истите ќе бидат целосно климатизирани, енергетски ефикасни, опремени со вакуум тоалети, ќе ги задоволуваат сите безбедносни стандарди како и стандардите за превоз на лица со ограничена мобилност, односно ќе бидат произведени согласно техничките стандарди за интероперабилност на Европската Унија.
Со оглед на тоа дека се работи за двостепена процедура за набавка, понудувачите своите првични понуди треба да ги достават до 08.10.2013 година кога ќе започне нивната евалуација, по што квалификуваните компании од првиот степен своите финални понуди треба да ги поднесат на почетокот на декември годинава. Се очекува првите гарнитури да пристигнат во земјава во рок од 12 месеци од потпишувањето на договорот, односно кон крајот на 2014 година.